Вицепремиерот Анѓушев на панел дебата за зголемување на соработката помеѓу домашните и странските компании: Владата преку низа мерки ја поттикнува соработката

Постои волја и желба и кај домашните компании и кај странските инвеститори меѓусебната соработка да се интензивира, но за тоа е потребен соодветен квалитет на производите, брза испорака и соодветна цена. Владините мерки даваат можност за технолошка екстензија на компаниите и поттикнуваат повисоко ниво на конкурентност, но потребно е време домашните компании да го достигнат потребното ниво на продуктивност и да ги задоволат стандардите кои странските компании ги побаруваат. Ова се само дел од заклучоците изнесени на денешната панел дебата на тема „ Домашните претпријатија - главни снабдувачи на мултинационалните компании: потенцијали и предизвици“, организирана од „Фајнанс Тинк“, во соработка со Делегацијата на Европската Унија и Центарот за управување со промени.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека соработката помеѓу домашните и странските компании е особено важна компонента за економскиот развој на државата, пред се за одржливоста на економијата, бидејќи доколку оваа соработка не постои, ќе се генерираат позитивни статистички показатели, но тие индикатори нема да имаат суштинско влијание врз економското живеење во државата. Тој дополни дека постои голем простор за зголемување на овој тип на соработка, во моментов дури 80% од странските компании соработуваат со домашните, но соработката во најголем дел се однесува за услуги, како набавка на електрична енергија, вода, гас, обезбедување на објекти, исхрана и логистички услуги. Вицепремиерот истакна дека намера на Владата е да се подигне соработката помеѓу компаниите пред се за набавка на материјали за производствениот процес, нешто кое што ќе има позитивен импакт на компаниите и на економијата генерално.

„Целиме кон тоа да компонентите кои се вградуваат во производите на странските компании, во што е можно поголем обем бидат произведени во Република Македонија. Идентификувавме три типа на странски компании кои работат во земјата, едните се оние кои се подизведувачи на други мултинационални компании, најголем дел од нив се во автомобилската индустрија, а тие компании за да остварат соработка со некоја домашна компанија мора да се консултираат со нивните крајни клиенти. Тоа ја ограничува можната соработка. Сепак постои голем простор за соработка, кај оние компании кои произведуваат готови производи, како што е на пример Ван Хол, кој постепено ја зголемува соработката со домашните, преку набавка на метални конструкции, стакло, плстика и други компоненти кои се наоѓаат на македонскиот пазар. Воедно одредена можност за соработка постои и кај оние компании кои изработуваат полупроизводи, односно цели склопови, а за тоа треба да одговори и домашното стопанство, кое треба да понуди квалитет, цена, брза услуга“, потенцираше вицепремиерот.

Анѓушев дополни дека клучна улога за зголемување на соработката, кога станува збор за домашните компании е зголемување на нивната конкурентност.  За подигнување на конкурентноста значајно е да се воведуваат нови современи машини и технологии, да се поседуваат знаења и вештини за ракување со машините и технологиите, како и соодветна корпоративна организација, за повисока продуктивности и постигнување на соодветен квалитет на производите.

„Владата се обидува во сите три сегменти да ги поддржи компаниите. Преку проектот Странски експерти за домашни компании, кој се спроведува во соработка со неколку странски амбасади, и преку други владини мерки се обидуваме да помогнеме на компаниите во трансферот на знаења и организацијата на компаниите. Најважното, сепак, е во делот на инвестиции за технолошка екстензија. Владата преку мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, за кои имаме потпишано договори со околу 100 компани, и преку мерките Среднорочната програма на Фондот за иновации и технолошки развој, кадешто има околу 70 компании, а оваа бројка ќе се зголеми, овозможува сериозна поддршка за инвестиции во машини и технолошки развој. Ова е првпат во поновата историја, кога државата на домашните компании им помага директно на компаниите да ги реализираат своите инвестиции. Секако, прво компаниите треба да инвестираат, а потоа може да очекуваат поврат на вложените средства од 10% или 20%, зависно од природата на компанијата, како и до 30% за мали и средни претпријатија за технолошка екстензија преку мерките од ФИТР. На тој начин ја зголемуваме конкурентноста на домашните компании и ги стимулираме да направат технолошки исчекор“, подвлече Анѓушев.

Вицепремиерот заклучи дека економскиот развој оди во правилна насока, индустриското производство бележи раст од околу 5%, растот на извозот е околу 14%, а тоа е многу значајно затоа што индустријата учествува во Бруто домашниот производ со околу 11-12% на годишно ниво, па самиот раст на индустриското произвдство позитивно влијае на растот на БДП.

Од страна на институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс Тинк“, како благодарност за соработката за спроведената студија „Домашните мали и средни претпријатија во синџирот на снабдување на мултинационалните компании во земјата“, беа врачени плакети на вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, министерот Зоран Шапуриќ и директорот на ДТИРЗ Александар Младеновски
 

Линк до видео од обраќањето на вицепремиерот Анѓушев на панел дебатата:

English
АКТУЕЛНОСТИ: