Интервју на вицепремиерот Анѓушев за неделникот Капитал – Само со големи и моќни компании може да имаме силна економија и среќни вработени

23 јуни, 2017 година

Кочо Анѓушев влегува во Владата како вицепремиер од позиција на веќе докажан бизнисмен, со повеќе изградени успешни бизниси зад него обединети во Групацијата Фероинвест, која вработува над 850 лица, и како почитуван професор на Машинскиот факултет. Ова е прв пат на две високи функции, премиер и вицепремиер да бидат луѓе кои имаат искуство од реалниот бизнис и можеби затоа очекувањата да се подобрат работите во економијата се многу поголеми. Во интервјуто за “Капитал”, Анѓушев ги објаснува мотивите заради кои ја прифатил оваа функција и главните економски политики и мерки со кои ќе ги подобруваат животниот стандард на граѓаните и условите за водење бизнис.

Доаѓате на висока извршна функција во новата влада како успешен и веќе докажан бизнисмен од реалниот сектор. Кои беа главните мотиви заради кои ја прифативте оваа функција во прилично сложено време за Македонија?

Имам многу мотиви зошто ја прифатив понудата да станам дел од новата влада на оваа функција. Но, еве ќе се обидам да ги поделам во три групи.

Ние како стопанственици во изминатиов период постојано критикувавме дека не сме доволно прифатени и разбрани од политиката, дека како бизнисмени не сме консултирани кога се носат важните закони. Со сегашниот премиер, тогаш опозиционен лидер разговаравме за повеќе теми од областа на економијата, а тој во тие разговори имаше доволно доблест да каже: еве сето ова за што зборувате, дојдете и обидете се да го спроведете. Поканата беше упатена до целиот бизнис сектор. Како што знаете сите комори номинираа претставник, јас сум среќен што од Стопанската комора на Македонија едногласно ме предложија за нивни кандидат. Но, чувствувам и голема обврска, затоа што предизвикот е голем. Бидејќи кога некој нешто критикува, а не сака да направи ништо за тоа да се примени и реализира во пракса, тогаш нема никаков кредибилитет понатаму да зборува и да кажува како нешто треба да се направи. Сметам дека проблемите најдобро можат да се решат од позиција од каде што можете да влијаете на процесот, а не само со совети од страна. Секако дека со прифаќањето на оваа функција, преземам и огромна одговорност. Имам и приватен мотив. Целиот мој капитал и се што сум создавал во мојот живот се наоѓа во Македонија. И нормално дека мојот капитал ќе има поголема вредност ако се наоѓа во нормална и просперитетна држава. И на крајот има и личен или фамилијарен мотив за да се обидам преку оваа функција да ги променам работите на подобро во државата. Кога се консултирав околу оваа понуда со моето семејство, мојот син кој има 20 години ми кажа дека ако работите во државата не се подобрат, неговата одлука да си замине во Македонија е веќе донесена. Замислете, кога мојот син, кој има услови да има подобар живот размислува на тој начин, сигурно уште многу други млади луѓе кои немаат обезбедена сигурна егзистенција се одлучени да ја напуштат земјата. Значи, имам личен предизвик да се обидам да ја подобрам ситуацијата во државата за да ги убедам моите деца да останат да живеат во Македонија. Состојбата во која се наоѓа Македонија од која младите сакаат да си заминат ја чувствувам и како неуспех на мојата и нашата генерација да направиме од оваа држава подобро место за живеење.

Ова е прв пат во независноста на Македонија на клучни функции, премиер и вицепремиер да се наоѓаат луѓе кои доаѓаат од бизнисот, односно кои имаат зад себе изградено успешни бизниси, кои инвестирале и вработувале…Можеби и затоа очекувањата да се средат работите во економијата се поголеми. Кои се политиките и мерките за кои имате согласност со премиерот дека треба да се преземат за да се подобри економската состојба во државата, за да се подобри животниот стандард на граѓаните?

Среќна околност е што и премиерот на Македонија доаѓа од реален сектор и што неговото семејство е активно во бизнисот. Можам само да кажам дека со него имаме одлично разбирање кога станува збор за економските политики и во делот на мерките кои треба да се преземат за да се подобри животниот стандард на граѓаните и климата за водење на бизнис. Она што сме го усогласиле како мерки и кои во најскоро време ќе бидат преземени се темелат на следните основи. Досега целокупниот развој на Македонија се поставуваше и конципираше околу странските директни инвестиции. Прво ќе кажам дека и јас како потпретседател на Владата се соочувам со разни опструкции и не можам да дојдам до вистинските бројки и податоци за да анализираме какви се субвенции и државна помош е давана на странските инвеститори. Она што можам да го кажам е дека тоа субвенционирање на странските инвеститори ќе го направиме да биде најтранспарентно. Јас, како потпретседател, и Владата сме за привлекување на странски инвестиции, и уверувам дека и понатаму ќе продолжиме да ги поддржуваме тие процеси, но тоа ќе го направиме на транспарентен начин за јавноста да знае што добиваме и што даваме, за да можеме реално да ги измериме ефектите од странските инвестиции во државата. Ќе објавиме и кумулативно колку Македонија има досега дадено во процесот на привлекување на странските инвестиции. Можам само да кажам дека одредени министри имале големи дискрециони права да одлучуваат каква државна помош ќе се додели и во колкав процент ќе биде таа. Целиот тој процес ќе го направиме транспарентен. И понатаму, Владата ќе продолжи со поддршката на странските инвестиции, но со една мала измена. Ако странските инвеститори доаѓаат и имаат третман на црна кутија, носат полупроизводи, полуфабрикати, суровини од некаде, тука се користи само работната сила, а потоа целиот производ излегува надвор од Македонија и нема никаква друга интеракција со македонската економија, ние како држава немаме некоја голема корист и придобивка од странските инвеститори. Тоа ќе го промениме и ќе направиме модел во кој странските инвестиции ќе бидат вистински генератори на растот на македонската економија. Тоа може да се случи само ако тие повеќе соработуваат со македонската економија и македонските компании. Досегашните странски инвеститори не можеме на сила да ги натераме да соработуваат со македонските компании, бидејќи тие имаат право да кажат дека во македонските компании не можат да најдат соодветен квалитет, цена, дека не се компатибилни со нивното производство…Но, затоа ние ја имаме Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) и имаме позиција како Влада да им помогнеме на македонските компании за да го подобриме и зголемиме нивниот капацитет на ниво на кое што ќе можат да понудат квалитет и квантитет кои ќе бидат задоволителни за странските инвеститори. Понатаму, за во иднина сметам дека треба да привлекуваме такви странски инвеститори кои повеќе ќе соработуваат со домашната економија. За сите странски инвеститори кои ќе доаѓаат во иднина, малку ќе го промениме моделот на субвенционирање. Ние како држава и понатаму ќе субвенционираме странски инвеститори, за да бидеме конкурентни со земјите од регионот во процесот на привлекување на странски инвестиции, но субвенционирањето ќе биде поврзано со процентот на соработка со домашните компании. На тој начин сакаме да постигнеме поголема интеракција и соработка помеѓу странските инвеститори и домашните компании, за да може преку овој процес да растат и македонските компании. Инаку, ако странските инвеститори ги затвориме како црни кутии, во кои има само влез и излез, и никаква друга интеракција со домашната економија, нема да имаме голем бенефит од нив. Она што сакам да го потенцирам јасно и гласно е дека странските инвеститори се многу добредојдени во Македонија и дека ние како држава ќе направиме се за да го зголемиме обемот на странски инвестиции, но ќе направиме и се за да ја зголемиме соработката со домашните компании. Такви модели на соработка помеѓу домашните и странските компании веќе постојат во многу земји и даваат одлични резултати во подигнување на целокупната економија.

Вториот дел мерки се во доменот на компаниите кои имаат потенцијал за раст,  меѓутоа бидејќи Македонија е мал пазар, за да растат мора да излезат надвор од границите на земјата и повеќе да извезуваат и да освојуваат нови извозни пазари. За компаниите кои имаат желба и потенцијал да растат и да се развиваат преку поголем извоз или преку аквизиции на фирми надвор од Македонија, ние како Влада ќе им обезбедиме механизми и поддршка тоа да го направат. Само големи и моќни компании, можат да направат силна и моќна економија. Во делот на поддршка за македонските извозни компании имаме повеќе механизми преку кои ќе им дадеме поддршка, тука ќе ја споменам повторно и МБПР, потоа вклучување на дипломатските мисии во насока на зголемување и промоција на извозот..Значи сите фирми кои имаат намера да извезуваат надвор од Македонија и на тој начин да растат, ќе бидат поддржани од Владата. Не треба да заборавиме, дека преку извозот или со купувањето на фабрики во други држави, компаниите го купуваат и пазарот.

Во делот на енергетиката можам да кажам дека Македонија има многу проекти кои се да кажам во суштина популистички. Ние како држава мораме да ја напуштиме популистичката или ПР економијата која се водеше изминатиот период. Имам чувство дека досега беше многу поважно да се прикаже во јавноста дека многу се работи, отколку што беа важни резултатите од сето тоа. Јас ќе бидам повеќе фокусиран кон резултатите и бројките во работењето и економијата, а помалку на впечатоците во јавноста. Еве сега гледаме дека директорот на ЕЛЕМ во заминување распишува тендер од 85 милиони евра. Сега ЕЛЕМ допрва ќе прави топлификација во Битола?! Јас ќе прашам кој ги спречуваше во изминатите 11 години да ги направат тие инвестиции за кои што тврдат дека сега се многу битни? Или сега се објавува тендер за набавкана механизација за копање на руда, а Македонија во изминативе години плаќаше над 100 милиони евра годишно на други фирми да ги вршат тие ископи. Зарем досега не можеше да се купи таа механизација и да се заштедат пари од буџетот? Еве сега ќе кажам дека тој тендер ќе биде поништен. Не заради тоа што механизацијата не е потребна. Таа механизација ќе биде набавена, но преку нов тендер во кој ќе биде вграден услов дека секоја фирма која сака да продаде опрема во Македонија за толку голема сума, ќе мора да купи производи од Македонија во вредност од 20% од вредноста на зделката. На тој начин ќе се разработи и домашната металопреработувачка или некоја друга индустрија. Најавувам дека ова правило ќе се практикува во сите големи набавки и тендери на државата во делот на економијата и енергетиката. И тука ќе се навратам повторно на мотивите заради кои ја прифатив оваа функција. Имам и еден личен мотив, а тоа е дека ме фати инаeт да докажам дека ние како Македонци не сме инфериорни, имаме знаење, и јас од оваа позиција сакам да докажам дека можеме и знаеме.


За компаниите кои имаат желба и потенцијал да растат и да се развиваат преку поголем извоз или преку аквизиции на фирми надвор од Македонија, ние како Влада ќе им обезбедиме механизми и поддршка тоа да го направат. Тука само ќе ги споменам МБПР, потоа вклучување на дипломатските мисии во насока на зголемување и промоција на извозот и слично

Какви реформи ќе се прават во делот на енергетиката? Досега имавме реклами во кои ЕЛЕМ комуницира со јавноста дека негова работа е да произведува струја, а во реалноста домашното производство покрива се помал дел од потребите за енергија.

Енергетиката мора да биде одржлива, односно да се развива преку проекти кои ќе бидат на долг рок одржливи и финансиски исплатливи. Ако енергетиката се развива преку политички и популистички проекти, во еден момент ќе немаме енергија. Мојата цел е да отворам широка дебата за сите проекти во енергетиката кои се присутни во Македонија, да ги погледнеме реално нивните студи и анализи за одржливост и исплативост и да одбереме кои се проектите од кои Македонија ќе има бенефит и во таа насока да ја развиваме енергетиката. Македонија како држава е 100% зависни од увоз на нафта и гас, единствено што можеме да произведеме е електрична енергија. Но, и тука за жал бројките се поразителни. Многу ПР и реклами дека во ЕЛЕМ се произведува електрична енергија, додека производството на струја не било никогаш помало, а увозот на струја не бил никогаш поголем. Без никакви дилеми ќе се залагам дека ние како држава мора прво да ги ставиме во функција домашните капацитети за производство на електрична енергија. Но, истовремено мораме да внимаваме да не влијаеме на зголемување на цената на електричната енергија за крајните потрошувачи. Има начини и методи како тоа го прави цела Европа. Цените на технологиите за обновливи избори на енергија се намалени, па наместо да воведеме фиксни фидинг тарифи, ќе воведеме тендери кои ќе ги добијат тие компании што ќе побараат најниски фидинг тарифи од државата. Со тоа и државата ќе заштеди, и тоа ќе има најмало влијание врз цените на струјата за крајните потрошувачи. Мислам дека тоа во голем дел ќе помогне да се продолжат и развиваат проектите и за фотоволтаици, електроветрани и мали хидроцентрали. Мислам дека со овие промени и со примена и на пакетот закони кои се дел од усогласување со европската регулатива, ќе овозможиме подобрување на состојбите во енергетиката.

Ја споменавте на неколкупати досега државната развојна банка. Што планирате со МБПР, дали планирате таа да се докапитализира или, пак, да се прошират нејзините ингеренции, бидејќи ваква како што е сега, барем според кажувањата на бизнисмените, нема капацитет да обезбеди речиси никаква поддршка за домашните компании?

Тоа многу ќе зависи од состојбата на буџетот. Ако успееме да извадиме средства од буџетот за да ја докапитализираме, тоа ќе го направиме, ако не, ќе побараме финансиска помош од странство. Бидејќи преку МБПР можеме да направиме многу од овие активности за поддршка на економијата кои ги споменав.

Кога сме кај буџетот, колку всушност може да направите реформа на буџетот за да може да ги спроведете реформите за коишто зборувавме?

Платите на администрацијата и пензиите нема да бидат доведени во прашање. Е сега прашањето е колку остануваат после тоа пари.. За жал, не многу. Ние сè уште немаме јасен пресек на обврските што се преземени.. Вие знаете дека многу тендери беа така распишувани, што обврските доаѓаат после две, после три години.. Тие обврски сега доаѓаат. Ние во моментов правиме реален пресек, но сакам македонската јавност да знае дека ние овде се соочуваме со сериозни опструкции од администрацијата. Еве јас, како потпретседател на Владата, една недела чекав компјутер да ми доделат, две недели да ми отворат службена имејл адреса. Договорите за странските инвестиции сè уште ги чекам. Но, ќе се менуваат работите, ќе дојдеме до податоци. За кусо време ќе имаме слика каква е состојбата во буџетот, но ние мораме да мислиме и на развојната компонента, не само на платите и пензиите.

Имате план како ќе го направите тоа, кои опции стојат на располагање?

Прво, мора да ги запреме непродуктивните трошења, значи ќе има кратење на одредени ставки. Видете, сите оние фасади, споменици  и сл., биле водени под капитални инвестиции, а тоа не се капитални инвестиции. Капиталните инвестиции мора да бидат финансиски одржливи на долг рок. Иако вие ангажирате градежни фирми, но перспективно правите нов трошок, не правите нешто што ќе носи пари. Ние ќе влегуваме во капитални инвестиции што носат пари, а тоа е инфраструктура пред сè – патишта, гасоводи, далекуводи… Видете, ние се затрупавме во ѓубре во Македонија, почнаа да се палат депониите. Ќе гледаме во регионалните депонии да се направат проекти што ќе бидат всушност бизнис – рециклирање, производство на струја од отпад, итн. Имаше такви најави за бизнис во скопската депонија Дрисла, но досега не чувме дека нешто се случува, напротив, чувме само за проблеми и судски спорови.  Фирмите со коишто оваа влада ќе работи нема да бидат некои фантомски, непознати, политички и  наменски креирани, туку првокласни компании од развиените земји, коишто навистина ќе ги реализираат проектите.

Значи, во делот на капиталните инвестиции тоа што го имаме во буџетот планирано, ќе гледаме да го реализираме колку што можеме повеќе, но во продуктивни проекти, а во делот на непродуктивните проекти ќе запреме. Нормално, постоечкиот буџет нема да биде доволен за да се обезбеди потребниот раст на економијата, ќе треба да се задолжуваме, но тие пари од задолжувањата ќе ги трошиме исклучиво во продуктивни проекти, затоа што ние немаме право на нови грешки!

А математиките што покажуваат, дали може тие дополнителни средства да се обезбедат со зголемување на даноците?

Владата јасно кажа дека нема да го менува ДДВ-то и корпоративниот данок, туку планираме да интервенираме во персоналниот данок, што го плаќаме сите. Најголемиот дел граѓаните нема да бидат засегнати од ова, туку правиме анализа за да  видиме над кои лимити колку тоа зголемување ќе влијае во буџетот. Значи, планот е, над одредени нивоа на доход, да се плаќа 18%, наместо досегашните 10%. И јас сум меѓу тие што ќе плаќаат 18% заради сопственоста што ја имам, дивиденди итн.. И јас тоа го прифаќам со радост, ако е тоа за доброто на луѓето и доброто на државата. Не размислувам себично дека тоа е зафаќање од мојата заработка, нема проблем, нека биде, ако е тоа за доброто на буџетот, за државата и за зголемување на општата благосостојба.

Како човек што доаѓа од бизнисот, кои се најголемите проблеми со коишто се соочуваат компаниите, а врз коишто Владата може да влијае?

Бизнисот прво треба да се ослободи од политиката. Државата може да се меша само во капиталните инвестиции, за сè друго треба да го ослободи бизнисот и да презема мерки со коишто само може да го олесни амбиентот, а не обратно. Кај нас досега ситуацијата беше дека сè зависи од државата, да не речам од неколку луѓе. Прво, таа фама мора да се расчисти.

Второ, мора да се престане со формирање политички фирми, затоа што кога создавате вакви фирми правите две штети: кога фаворизирате една компанија, правите нелојална конкуренција на оној што може да работи успешно по пазарни принципи, и му го спречувате развојот, а овој првиот вештачки го растете. И потоа, кога ќе престане со политичката поддршка, дотогаш фаворизираната компанија нема да може да работи, затоа што ако била способна за тоа, таа и претходно успешно ќе работела. И така ќе имате две пропаднати фирми: и таа со политичка поддршка, и оваа втората, која сте ја спречиле да расте. Зад вас сте оставиле пустош. Мора да ги оставите фирмите да растат природно, и оние што се добри, да го носат развојот на економијата.

Ќе ви дадам наједноставен пример: ако сакате да ставите фотоволтаик на вашата куќа, треба да ја поминете бирократијата и процедурите  како да правите термоелектрана од 100 мегавати. Тоа не смее така да биде. Вам мора да ви дозволиме да ставите фотоволтаик со градежната дозвола и толку. Треба да имате двонасочно броило и работата е решена. Имам многу вакви примери… Значи, ако сакате нешто да развивате, мора да го ослободите. А, не декларативно да се изјаснувате дека сте за развој на нешто, а всушност на терен работите во спротивна насока.

Состојбата со неликвидноста и доцнењето во плаќањето е прилично алармантна. Планирате ли некои решенија за средување на плаќањата?

Државата и семејството различно размислуваат. Семејството гледа да заштеди за црни денови, државата мора да ги пушти парите во оптек, за да може економијата да функционира. Ние го направивме токму тоа, ако забележавте, во првите денови од нашето управување, пуштивме два пати ДДВ назад кај фирмите. Јас не сакам никој да аплаудира за тоа, затоа што тоа е законска обврска. Меѓутоа ако државата ги држи парите и не ги враќате во економијата, ја загушува економијата. Ние не може да влијаеме врз тоа како фирмите ќе си плаќаат меѓусебно, но како држава можеме да се трудиме барем нашите обврски кон компаниите да ги извршуваме на време. Затоа што, досега знаете како беше: платете си вие во рок од 20 или 50 дена -  и тоа државата ви кажува тоа да го направите, а не е нејзина работа да се меша во односите меѓу вас како компании – а таа самата ги држи парите и нејзините обврски не ги плаќа. Затоа ние ќе гледаме ние да бидеме одговорни кон реалниот сектор, за да може потоа и компаниите да си ги извршуваат своите обврски кон своите добавувачи, но и кон буџетот, навремено.

Имате ли пресметки колкави се недостасаните и неисплатени фактури од државата кон фирмите?

Не можам да ви дадам одговор во моментов, затоа што ги правиме анализите сè уште… Има многу ситуации, на пример,  во градежните проекти што допрва достасуваат – во градењето знаеме дека секоја ситуација е фактура. Допрва очекуваме таа документација да пристигне и да знаеме на што сме.

Каде очекувате најголеми предизвици во спроведувањето на економската програма? Во јавноста се појавува и перцепција дека и внатре во Владата има извесно разногласие околу економските политики и сл.?

Не очекувам проблеми внатре во Владата, во смисла на наводното разногласие околу политиките. Според мене, моделот дека интересот на бизнисот и на вработените е различен е застарен модел. Јас така не гледам на работите, затоа што само среќни вработени прават добра фирма. Кој е тој добар бизнисмен што не сака да ги плати своите вработени и да ги задржи добрите работници?

Најголеми проблеми очекувам во некакви рецидиви од претходното владеење. Еве сега ме информираа дека врз основа на еден спор околу проектот ХЕЦ Св.Петка и инатење на претходната гарнитура, изведувачот словенечки Рико добил на меѓународен арбитрарен суд спор против Македонија, и сега треба државата тоа да го плати. Имаме еден голем судски спор со германска компанија во врска со нивното ангажирање за  реконструкција на трите котли во РЕК Битола, којшто се води на меѓународен суд. Не знаеме што ќе нè снајде таму… Потоа спорот за рушењето на градежниот објект Космос, којшто исто така се води пред меѓународен суд за човекови права во Стразбур, не знаеме и таму како ќе излезе и колку државата ќе треба да плати евентуална отштета. А тоа не се мали пари за буџетот.


Странците кои ќе добијат државен тендер ќе мора да купат 20% македонски производи

Вицепремиерот Анѓушев во интервјуто за “Капитал” најави промени во правилата кои важат за странските компании кои учествуваат на големите државни набавки и тендери од областа на економијата и енергетиката.

“Секоја фирма која, на пример, сака да продаде опрема или некои други производи за кои државата или државните компании се јавуваат како набавувачи, ќе мора да купи производи од Македонија во вредност од 20% од вредноста на зделката. На тој начин ќе има позитивни ефекти и за домашната индустрија. Ова правило ќе се практикува во сите големи набавки и тендери на државата во делот на економијата и енергетиката”, вели Анѓушев.


Во јавноста неодамна се отвори темата за конфликт на интереси заради тоа што сте сопственик и на бизниси. Каков е вашиот коментар на оваа ситуација и како планирате да го решите?

Со прифаќањето на оваа функција свесен бев дека можам да дојдам во судир на интереси, но во ниеден момент немам дилема за таквата ситуација како да постапувам. Тоа што е регулирано со законите и не е дозволено не помислувам да не го почитувам или да се обидам да го заобиколам, изиграм, или забошотам.Имено, определбата да се биде во еден и одреден период на функција што е јавна за мене денес претставува признание , голема чест но и обврска. За да нема судир на интереси во постапка сум на продажба на  компанијата ЕДС, значи освен што се повлеков од  управувањето, ќе излезам и од сопственоста. Исто така, сакам уште еднаш да потенцирам дека не поседувам никаква фирма во Белизе, ниту, пак, во ниту една друга офшор земја. Сите мои фирми и целиот мој капитал е инвестиран во Македонија и тоа може да се провери во Централниот регистар.

Со својата работа во јавниот сектор, ќе покажам, ќе промовирам и ќе докажам дека може да се биде чесен и да се направи успешна кариера како јавен функционер во интерес за општеството и неговите граѓани. Успешноста во кариерата како јавен функционер, министер или директор, според мене е егзактна наука. Таа е мерлива категорија. За доаѓање до придобивките од одличното управување во оваа сфера е потребно време, но и тоа е мерливо и граѓаните по извесен период ги гледаат тие придобивки, како што се повисок квалитет на живот, поголема просечна плата, подобар производ и квалитетни услуги и имаат корист од нив.

Видете, ако некој човек се занимавал со бизнис, веројатно не очекувате дека тој до тогаш ништо не сработел или создал. Ако тој претходно во животот ништо не работел во овој сектор, како очекувате тој да го води овој ресор во Владата. Ако сакаме таков профил на човек на оваа позиција, без никаква историја на работа, кој ќе дојде да се учи водејќи ја државата, видовме каков беше резултатот наназад со години.
Од друга страна, ако сакате искусен човек кој ќе го донесе целото свое искуство од реалниот сектор, тој секако дека има некаква сопственост. Јас за среќа, сум почнал од нула пред 15 години, сум ги формирал своите компании кои што понатаму направиле капитал кој што јас ќе го пријавам во анкетниот лист. Притоа, сум горд што целиот тој капитал е во Македонија, на мое лично име, со платени сите даноци, без никакви државни субвенции, туку направен на пазарот, и воглавно е од извоз. Брако е компанија со производство кое што 96% е за извоз, малку кој знае дека и опремата за хидроцентралите се произведува во Брако.

 

English
АКТУЕЛНОСТИ: