10 април 2019
Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, покрај присуството на активностите од вториот ден од енергетскиот форум „Берлински дијалог за енергетска транзиција“, денес оствари оствари повеќе работни средби во Берлин.
Вицепремиерот Анѓушев оствари средба со д-р Валтер Дефа, специјалниот советник, номиниран од германската Влада, кој е задолжен за поддршка во планирањето и реализацијата на економските политики на Владата на Република Северна Македонија.
На состанокот се дискутираше за стратешките приоритети на Владата во насока на побрз и одржлив економски развој. Улогата на Дефа, како професионалец со долгогодишно искуство во Европската Комисија, е да помогне во модифицирање на Владините стратегии, политики и проекти за усогласување со европските стандарди и регулативи, како дел од реформите во процесот на отпочнување на преговори за членство во ЕУ.
Вицепремиерот утринава се сретна со парламентарниот државен секретар во сојузното Министерството за економија и енергетика, г-дин Томас Барајс и со ко-претседавачот на Мешовитиот упавувачки комитет за економска соработка помеѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија г-дин Хелге Толксдорф.
На средбата се разговараше за економската соработка помеѓу двете земји, при што вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека СР Германија е главниот економски партнер на нашата земја, со обем на трговската размена од над 3,6 милијарди евра, кој во 2018, во споредба со 2017 бележи раст од над 15%. Дополнително радува тоа што извозот на производи кон Германија бележи раст од над 17%, а вкупниот извоз во однос на увозот е трипати повисок, при што со оваа земја остваруваме највисок суфицит во трговската размена.
Соговорниците зборуваа и за активностите во рамките на Мешовитиот управувачки комитет, за интересот од германски компании за инвестиции во индустријата и во енергетскиот сектор. На состанокот е заклучено дека со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, односно меркте од Планот за економски раст се овозможува сериозна поддршка за индустријата, за технолошки развој и внесување на иновации, а со тоа и повисока конкурентност на економијата во Северна Македонија, додека преку новиот Закон за енергетика се отвораат нови можности за инвестиции во обновливи извори на енергија, со што ќе се придонесе за заштита на животна средина и поголема енергетска независност.
Линк до инсерти од средбата помеѓу вицепремиерот Анѓушев и советникот Дефа: