Вицепремиерот Анѓушев и министерот Николовски: голем интерес од општините за мерките од Програмата за рурален развој за 2018 година, доставени 206 барања во вредност од 38 милиони евра

01 април 2019

Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница ја усвои Информацијата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во врска со вложувања во инфраструктурни проекти финансирани од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година. Со оваа одлука се одобруваат околу 38 милиони евра за реализација на проекти за капитални инвестиции на општините преку мерките од Програмата за рурален развој, а за кои општините конкурираа минатата година. 

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, д-р Кочо Анѓушев, потеницраше дека се реализација на мерките од Програмата за рурален развој кои се наменети за општините ќе се подобри квалитетот на животот во руралните средини.

„Она што се обидуваме со оваа програма да го направиме и се надевам дека успешно ќе го реализираме е да го подобриме квалитетот на животот во руралните средини. Затоа Владата на РСМ во својата програма определи значителни средства, а сега конкретно зборуваме за 38 милиони евра, кои во следниот период ќе бидат инвестирани во капитални инвестиции за подобрување пред се на патиштата во руралните средини, за партерно уредување во руралните средини, за изградба и реконструкција на пазари, за развој на одредени туристички точки кои што можат да бидат интересни како за домашните така и за странските туристи. Но, она што е најважно се инфраструктурите проекти, односно проектите во делот на патиштата и партерното уредување во селските односно руралните области. Интересот беше огромен, затоа се одлучивме оваа програма да биде проширена и повеќегодишна за да ги задоволиме сите потреби и сите апликации коишто технички и административно беа издржани“, изјави вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски посочи дека со денешната одлука, се заокружува постапка која ќе значи забрзана реализација на капитални инвестиции во руралните средини. На повикот кој беше објавен минатата година од страна на општините беа доставени 206 апликации. 

„Тоа се проекти кои се однесуваат на капитални инвестиции, инвестиции во изградба на домови, зелени пазари, локална патна инфраструктура,  поврзување на селата и населните места. За сите проекти е подготвена комплетна документација и е завршена целата постапка во Платежната агенција. Со денешната одлука на Владата на РСМ се отвора патот за склучување на овие над 200 договори со општините и за започнување на  нивната реализација. Програмата за рурален развој за секторот земјоделство  е особено значајна оти преку нејзе се финансираат полските патишта, обновување на локалната патна инфраструтура, а со тоа се подобрува  живот во руралните средени. Проектите за инвестиции се претежно во селата, за да се обезбедат подобри услови за живот и да се задржат луѓето во руралните средини“, изјави министерот Николовски.  

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, изјави дека преку мерките од Програмата за рурален развој, дел од општините бараат и поддршка за изработка на детални урбанистички планови, кои се многу важни за следниот период за сите општиниво државата, бидејќи со акредитацијата на ИПАРД програмата во мерката за „Рурална јавна инфраструктура“ од големо значење е општините пред да ја поднесат апликацијата да ги имаат овие урбанистички планови. При тоа Бабовски додаде дека во следниот период ќе започне склучувањето на договорите за мерките од Програмата за рурален развој наменети  за сите општини кои ги исполниле условите. 

„Во следниот период Агенцијата ќе издава решенија со кои општините ќе можат да започнат со објава на јавна набавка. Тој период не треба да биде подолг од шест месеци и со оваа јавна набавка и нејзиното комплетирање со целокупната документација треба да дојдат во агенцијата и да ги потпишеме договорите за финансиската поддршка и на тој начин започнуваат со инвестицијата“, изјави Бабовски.

Се работи за 4 мерки односно „Подобрување на квалитетот на живот во рурални средини“, „Обнова и развој на селата“ и „Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја“ и подмерката “Инвестиции во пазарна инфраструктура за постбербени активности“. Сите овие мерки се наменети за разни капитални инвестиции во рурална инфраструктура и инвестиции во јавна социјална инфраструктура. Вредноста на финансиската поддршка изнесува 50 отсто од прифатливите трошоци, но не повеќе од 7 милиони денари по поединечен корисник.

 

Линк до видео од прес конференцијата:

English
АКТУЕЛНОСТИ: