25 јануари 2019
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, кој заедно со владината делегација во состав на заменик на претседателот на Владата на РМ, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши, учествуваше на годинешниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, денеска ги завршија активностите со повеќе средби и активности од интерес на економската иднина на земјата.
Премиерот Заев и владината делегација остварија повеќе средби со регионалните лидери од Западен Балкан присутни на форумот.
Прашањата за развој на соработката и за динамизирање на интегративните процеси во регионот доминираа на средбите со премиерот на Република Словенија, Марјан Шарец, со претседателот на Косово, Хашим Тачи, како и со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, д-р Денис Звиздиќ.
Соговорниците од регионот, на премиерот Заев му честитаа на успешниот развој на спроведувањето на договорот од Преспа и беа неподелени дека овој процес е силен поттик за идниот развој на односите во регионот.
Премиерот Заев како дел од работните средби на Светскиот економски форум во Давос, имаше средба и со министерот за здравство на Сојузна Република Германија, Јенс Спан и низ разговорот со него истакнаа дека исклучителната соработка и меѓусебна поддршка меѓу двете земји има сериозни потенцијали да се преточи и во соработка во областа на здравството, во размена на искуства и во можностите за усовршување на медицинскиот персонал.
Претседателот на Владата на РМ Заев и заменик на претседателот задолжен за економија Анѓушев, во Давос остварија средба и со Извршната директорка на Светска Банка, Кристалина Георгиева, со која се разговараше за можностите за олеснет проток на производите и услугите во регионот на Западен Балкан.
За време на Светскиот економски форум, министерот за економија Крешник Бектеши зеде учество во работата на иницијативата за заедничка декларација за е-трговија во организација на Светската трговска организација, која за Република Македонија е од исклучително значење заради поттикот што оваа иницијатива може да значи за претприемништвото, за продуктивноста и економскиот раст на нашата земја.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во Давос оствари работни средби со претставници на високиот менаџмент на повеќе светски компании, како што се Sun Group India, на која се разгледуваа можностите за соработка во областа на обновливите извори на енергија, и со претставници на компаниите CISCO, Philips, Google Jigsaw, за можностите за соработка во сферата на високите технологии и информатичката индустрија.
Во текот на дводневниот, работен престој на нашата делегација на Светскиот економски форум, премиерот Заев учествуваше и на форумите и дебатите како што беа „Креирање на силно партнерство за економски раст и мир на Западен Балкан“ и на форумот „Иднината на Трансатлантската алијанса“.
Премиерот Заев во Давос оствари работни средби и со еврокомесарот за европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан, со Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и со финансиерот и филантроп Џорџ Сорос.
Линк до видео со инсерти од настанот: