25 декември 2018
Денес, во Владата на Република Македонија, се одржа седница на Националниот совет за одржлив развој, интересорско тело со кое претседава Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, а чија главна цел е следењето и креирањето на политики за одржлив развој.
Во овој Совет, членуваат и вицепремиерот за европски прашања, министрите задолжени за надворешни работи, финансии, економија, труд и социјална политика, транспорт и врски, животна средина и просторно планирање, локална самоуправа, замјоделство, шумарство и водостопанство, образование и наука, здравство, како и претставници на академската и бизнис заедницата.На седницата се реафирмираше заложбата на Владата за имплементација на глобалната „Агенда 2030“ на Организацијата на Обединетите нации и за интегрирање на Целите за одржлив развој во севкупното работење на државата.
За време на седницата беше донесен и Деловник за работа на Националниот совет со кој е уредено Советот да обезбеди конзистентност во имплементацијата и следењето на стратешкиот документ „Национална стратегија за одржлив развој“ како и имплементација на Целите за одржлив развој на Обединетите нации, во Република Македонија преку програмите за одржлив развој од пооделните министерства, поставување и координација на институциите за имплементација со цел да се придонесе кон успешно реализирање на целите на одржлив развој преку дефинираните области на делување и конкретните мерки.
Пред членовите на Националниот совет за одржлив развој, беа презентирани 17-те глобални цели на ООН и степенот на усогласеност на националните стратешки програмски документи со Целите.
Врз основа на направената анализа од техничка работна група, Советот донесе одлука за приоритетна имплементација на 5 цели за 2019 и 2020 година, додека останатите цели ќе бидат во функција на приоритетните цели:
- Да се стави крај на сиромаштијата во сите форми, насекаде во земјата (Цел 1 од ООН Целите),
- Да се обезбеди инклузивно, правично и квалитетно образование и да се промовираат можностите за доживотно учење (Цел 4 од ООН Целите),
- Да се промовира инклузивен и одржлив економски раст, целосно и продуктивно вработување и достојни работни места за сите (Цел 8 од ООН Целите),
- Да се преземат итни дејствија за борба против климатските промени и нивните влијанија (Цел 13 од ООН Целите),
- Да се промовираат мирни и инклузивни општества за одржлив развој, да се обезбеди пристап до правда за сите и да се изградат ефективни, отчетни и инклузивни институции на сите нивоа (Цел 16 од ООН Целите),
Советот заклучи дека посветено и одговорно, Владата и институциите ќе работат на постигнување на целите, во насока на повисок и одржлив економски раст, квалитетно образование, крај на сиромаштијата и повисок животен стандард за граѓаните како и здрава животна средина. Дополнително за постигнување на приоретизираните цели, од голема важност е ефикасноста на администрацијата и институциите, како и владеењето на правото, кои се и основа на реформите кои Владата ги спроведува во процесот на евро-атлантските интеграции.
Линк до видео со инсерти од седницата: