Заменик претседателот на Владата на РСМ Анѓушев: Индустрискиот раст во јануари од 2019 година од над 12%, дава оптимизам дека економијата ќе расте со побрза динамика годинава

6 март 2019

Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, на трибината „Силна економија – Шанса за сите“  со граѓаните во Кавадарци, потенцираше дека одржливиот економски развој на земјата се реализира на три столба: владеење на правото, политичка стабилност и сигурност на државата, како и на мерките на Владата за поддршка на развојот на компаниите.  Притоа, тој кажа дека потпишувањето на протоколот за членство во НАТО, придонесува за повисоко ниво на безбедност, односно сигурност на инвестициите, со што  во 2018 нивото на странски инвестиции  достигна рекордни 624,5 милиони евра, што е за 267% повеќе во однос на просекот на странски инвестиции во периодот од 2010-2017 година.

Заедно со другите мерки за поддршка, за позитивните трендови на економскиот раст придонесе и индустрискиот раст.

„Индустрискиот раст во јануари од 2019 година од над 12%, дава оптимизам дека економијата ќе расте со побрза динамика годинава. Растот на нето платите е забележителен и изнесува над 6%, а реално е дека платите ќе растат, поради притисокот на пазарот на трудот.  Со отворањето на нови фабрики,  ќе се отвораат нови подобро платени работни места, а одливот на младите кој се случуваше со години дополнително прави притисок на зголемување на платите за да ги задржиме во нашата земја“, кажа Анѓушев на трибината.

Вицепремиерот подвлече дека Владата силно го поттикнува претприемништвото кај младите луѓе, преку мерките за самовработување од Агенцијата за вработување, со обезбедување на грантови во висина од 5 илјади евра за поединец или 10 илјади евра ако станува збор за две невработени лица кои би ги здружиле средствата. Поддршката на микро, малите и средните компании е највисока во историјата и токму преку технолошкиот развој на ваквите компании се очекува да се овозможи силна индустријализација и одржлив економски развој.

Вицепремиерот се осврна и на надминување на проблемите во компанијата Фени индустри, посочувајќи дека станува збор за успешен пример на стечај и странска инвестиција од над 80 милиони евра, при што се надоместени сите задолжувања на компанијата, обезбеден е оперативен капитал, а вработените имаат редовни просечни примања во висина од над 29.000 денари.  

Тој истакна дека Владата работи на проект за изградба на Хидроелектраната Чебрен, на реални основи, по принцип на јавно-приватно партнерство, кој ќе биде од особена корист за целиот регион. 

Во однос на земјоделството, вицепремиерот посочи дека Владата е посветена на поддршката на оваа важна гранка, при што потенцираше дека целта е да се стимулира отворање на откупни и преработувачки центри, за да се намали продажбата на сурови земјоделски производи, а да се зголеми продажбата на производи со повисока додадена вредност од процесната индустрија.

 

Линк до видео од обраќањето на ЗПВРСМ Анѓушев:

English
АКТУЕЛНОСТИ: