Потпишани договори помеѓу Република Македонија и ФАО–Зголемена конкурентност на земјоделскиот сектор и мерки за справување со климатските промени

11 јули, 2018 година

Зголемена конкурентност на земјоделскиот сектор, подобрување на животот во руралните средини преку одржлив рурален развој, одржливо управување со природните ресурси и справување со климатските промени, се главните приоритетни области на трогодишниот договор за соработка што беше потпишан помеѓу Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации и Владата на Република Македонија.

Програмската рамка на ФАО за Македонија за периодот 2018-2020 година беше потпишана од Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и Владимир Ракхманин, помошник-генерален директор на ФАО и регионален претставник на ФАО за Европа и ЦентралнаАзија. Воедно, Ракхманин и Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, го потпишаа и првиот проект имплементиран од ФАО за Република Македонија, кој е финансиран од Програмата за подготвителна поддршка на Зелениот климатски фонд. Со 300.000 американски долари, проектот ќе и помогне на земјата во искористување на можностите од Фондот и воспоставувањето механизми за одредување на националните приоритети за ублажување и прилагодување кон климатскитепромени.

Вицепремиерот Анѓушев за време на своето обраќање на свеченоста истакна дека земјите се соочуваат со предизвици кои се последица токму на промената на климата и опкружувањето во кое живееме. Ефектите од зголемувањето на температурата на глобално ниво, непредвидливоста на временските услови, обилните врнежи проследени со поплави и град, зад себе оставаат последици кои може да се мерат во милиони денари, а некогаш и во изгубени животи.

„Сите сектори се погодени, вклучувајќи ги тука не само земјоделството, туку и енергетиката, индустрија, транспортот, водните ресурси, шумите, економијата во целост, но и секојдневниот живот на граѓаните. Сите ние, секојдневно ги менуваме животните навики токму како резултат на климатските промени. Ние како Влада мора секогаш да делуваме синхронизирано и да ги насочиме ресурсите во државата во правец кој ќе придонесе за подобар живот. Потпишувањето на овој договор значи дека ќе се воспостави база за соработка и ќе се дефинираат национални приоритети за иднината. Здравјето на граѓаните, здравата животна средина и справувањето со климатските промени се врвни приоритети кои секогаш треба да се во агендата на секоја Влада“, изјави вицепремиерот Анѓушев.

Министерот Николовски посочи дека соработката помеѓу Република Македонија и ФАО се темели на доверба и партнерство, и е многу значајна на патот на евроинтеграциите на Република Македонија, како и за остварување на целите кон кои се стремиме, а тоа е европско, модерно, одржливо и конкурентно земјоделство што ќе овозможи достоинствен живот и подобар стандард на живеење за земјоделските семејства и општо за граѓаните на нашата земја. Вредноста на Програмската рамка е 8,5 милиони долари, од кои речиси 4 милиони долари се обезбедени од ФАО, а останатите средства ќе се обезбедат преку други донатори.

„Програмската рамка на ФАО за Република Македонија, која денеска ја потпишавме, целосно ги рефлектира потребите за поддршка на краток и среден рок, а во неа се утврдени три приоритетни области: зголемување на конкурентноста на земјоделскиот сектор, подобрување на животот во руралните средини преку одржлив рурален развој, како и јакнење на капацитететите за одржливо управување со природните ресурси и прилагодување кон климатските промени. Очекуваме дека проектите кои ќе се развијат во рамки на трите области, ќе дадат силна поддршка и ќе ја обезбедат потребната експертиза за спроведување на реформите кои ги отпочнавме во текот на изминатата година“, потенцираше Николовски.

Заменик генералниот директор на ФАО Владимир Ракхманин истакна дека приоритетните области на договорот се во согласност со приоритетите на земјата во Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2014-2020, а во насока на поддршка на земјата за напредок и усогласување на земјоделството и руралниот развој согласно барањата за пристап кон Европската унија и исполување на Целите за одржлив развој.

„Договорот ги спојува потребите и приоритетите на земјата со експертизата и искуството на ФАО и особено придонесува за одржлив и сеопфатен раст на малите земјоделци и семејните фарми, подобрена безбедност и квалитет на храната, одржливо и поотпорно земјоделство и силен институционален капацитет“, посочи Ракхманин.

English
АКТУЕЛНОСТИ: