Средба Анѓушев-Маргхем: Споделувањето на информации и искуства од земјите членки се клучни за интеграција на Македонија во ЕУ

26 октомври, 2017 година

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, денес во Брисел, оствари средба со министерка за енергeтика, животна средина и одржлив развој на Кралството Белгија, г-ѓа Мари Кристин Маргхем.

На средбата стана збор за моменталната позиција на Република Македонија во поглед на енергетиката, но и за идните планови и перспективи на Владата во енергетскиот сектор.

„Македонија подготвува нов закон за енергетика во кој ќе биде имплементиран Третиот енергетски пакет на Европската унија и мерките препорачани од Енергетската заедница. Иднината во енергетиката ќе се базира на обновливи извори на енергија, преку рационален, одржлив и исплатлив концепт“, потенцираше Анѓушев

 

Вицепремиерот Анѓушев изрази благодарност до членките на ЕУ за поддршката искажана во спроведувањето на политиките на Владата на Република Македонија и истакна дека Владата посветено работи во спроведување на најавените реформи со цел интеграција во Европската Унија.

„Македонија се стреми кон целосна интеграција кон ЕУ и во тој процес Владата смета дека  клучна е соработката со земјите членки, како што е и Белгија, и користење на нивните искуства, особено во делот на усогласување на националната регулатива со европските прописи. Споделувањето на информации и искуствата од земјите членки се клучни за интеграцијата на Македонија во ЕУ“, подвлече Анѓушев.

 

Министерката Маргхем порача дека во евро-интегративниот процес, Република Македонија може да очекува поддршка од Кралството Белгија и дека очекува односите помеѓу двете земји да продолжат да се развиваат и интензивираат.

Вицепремиерот Анѓушев ја искористи можноста на министерката Маргхем да и ги презентира мерките од Планот за економски раст на Владата и порача дека странските инвеститори, вклучително и оние од Белгија се добродојдени да инвестираат во Македонија.

English
АКТУЕЛНОСТИ: