Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев на Бизнис форумот: Се отвора целосно поле за економска соработка помеѓу двете земји во кое компаниите ќе можат полесно да соработуваат и да реализираат нови инвестиции

02 април 2019

Во рамки на официјалната посета на премиерот на Грција, Алексис Ципрас и грчката владина делегација на нашата земја, денеска во хотелот „Александар Палас“ се одржа заеднички Бизнис форум на кој присуствуваа повеќе од 400 стопанственици и компании. 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со претседателот на Владата на Република Грција, Алексис Ципрас со свои воведни обраќања го отворија Бизнис форумот, во чии рамки вицепремиерот задолжен за економски прашања во Владата на Република Северна Македонија, Кочо Анѓушев и вицепремиерот и министер за економија и развој во грчката Влада, Јанис Драгасакис потпишаа Меморандум за соработка помеѓу двете земји, со кој се формира Заедничкиот комитет за економски прашања под водство на Вицепремиерите за економски прашања од двете земји. По завршување на официјалниот дел од Бизнис форумот се одржаа бројни Б2Б средби помеѓу присутните компании.

„Денес за прв пат се одржа меѓувладината седница помеѓу двете држави каде меѓу другото: Воспоставивме совет за соработка на високо ниво – што ќе значи одржување на меѓувладини седници еднаш годишно; Развивме акциски план за интензивирање и збогатување на соработката во дипломатијата, одбраната, ЕУ, политиката, меѓународните односи, економија, енергетика, образованието, науката, културата, здравството и земјоделието; Потпишавме договор за соработка во одбраната; Потпишавме договор за отворање на нови гранични премини: Промахои – Мајден и Maркова Нога – Агиос Германос; Потпишавме меморандум за соработка за ЕУ прашања и транспорт. Се надевам дека сите овие иницијативи ви даваат малку појасна слика што се сме испуштиле во претходните неколку години како две соседни земји кои не можеле да соработуваат за основни меѓудржавни прашања заради спорот кој постоеше“, истакна премиерот Заев во своето обраќање.

Премиерот Заев дополни дека денеска е историски момент во кој политичарите, бизнисмените, медиумите и граѓаните ја унапредуваат економската соработка со што се надминува состојба кога сме имале многу ограничен простор за економска соработка со Привремената спогодба од 1995 до целосно отворено поле за економска соработка.

„Во 2018 година, Грција стана наш втор трговски партнер. Волуменот на размената во 2018 година порасна за 20.7% споредено со 2017 година.  Достигнавме меѓусебна трговија од близу 1 милијарда долари. За Република Северна Македонија трговски дефицит во 2018 година се зголемил за 30,7% во споредба со 2017 година. Ова значи дека ќе работиме активно нашите компании да се борат за го зголемат својот извоз во Република Грција со што би го намалиле ваквиот дефицит или евентуално со зголемен број на грчки инвестиции да го избалансираме овој дефицит. Грција е трет најголем странски директен инвеститор во Република Северна Македонија со вкупно 474 милиони Евра инвестиции од 1997 до 2017 година, или вкупно учество од 10.1% од странските директни инвестиции во државата. Гледајќи ги директните инвестиции од Грција во Република Северна Македонија, после негативниот тренд во 2016 година од минус 15.69 милиони евра, веќе во 2018 година имаме 25.16 милиони евра. Инвестициите го опфаќаат банкарскиот сектор, телекомуникациите, енергетиката, прехранбените и текстилните производи и градежништво“, соопшти премиерот Заев.

По потпишувањето на Меморандумот за соработка, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев заедно со неговиот колега во грчката влада, Јанис Драгасакис имаа свои обраќања.

„Многу е важно да видиме кои се перспективите, а тие се многубројни. Нашата државата е упатена да соработува со Грција пред се заради пристапот на море. Немаме ние поблизок пристап на море од Солунското пристаниште и затоа многу е важно да имаме пристап таму и инфраструктурно поврзување со Република Грција. Она што сакам да го потенцирам е дека во Република Северна Македонија се добредојдени сите инвеститорите од Грција. Ние имаме можности кои преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите во кој има цела една лепеза на можности за инвестирање како за домашни така и на странски  компании“, нагласи вицепремиерот Анѓушев и соопшти дека денеска во рамки на остварените средби се разговарало и за намалување на административните бариери за да се намали времето на чекање на границите  за граѓаните и компаниите. 

„Во делот на обновливите извори за електрична енергија отворивме повеќе простор за нови инвестиции со носење на новиот Закон за енергетика и сакам да ве информирам дека првиот тендер за фотоволтаици во нашата држава од 62 мегавати ќе биде објавен до крајот на овој месец. Ќе ми биде задоволство да видам и грчки и македонски компании, а исто така да видиме и joint venture компании од двете наши држави. Тоа е многу важно на тој начин да се поттикне соработката, компании од нашите држави  да соработуваа не само во нашата земја туку и на странски пазари. Сакам да ве поканам сите вас да инвестирате во Република Северна Македонија, да соработувате со нашите компании, а Владата ќе ви биде партнер и ќе ги олеснува тие процеси, затоа што функцијата на владата е да створи амбиент за тоа и ние мислам дека го создаваме најдобриот можен амбиент“, рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на заедничкиот Бизнис форум којшто се одржува во рамки на официјалната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас и владина делегација на нашата земја Република Северна Македонија. 

Линк до видео со инсерти: 

Линк до видео од обраќањето на ПВРСМ Заев: 

Линк до видео од обраќањето на ЗПВРСМ Анѓушев:

English
АКТУЕЛНОСТИ: