16 март, 2018 година
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев учествуваше и се обрати на „Самитот на мали земји-нови трендови на бизнисот“, во организација на Стопанската комора на Македонија.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека во насока на поинтензивен економски раст, Владата работи на создавање и одржување на добри односи со сите земји, за развивање на меѓусебната економска соработка и подобрување на можностите на македонските компании за подигнување на конкурентноста,
„Постојат три можности за овозможување на повисоки стапки на раст на Бруто домашниот производ како што се зголемување на домашната потрошувачка, зголемување на извозот и инвестиции во капитални проекти. Знаеме дека има можности за подобрување на домашната потрошувачка, но тие се лимитирани и токму во таа насока Владата се одлучи растот на БДП да се поттикне преку стимулирање на извозот и со повисоки инвестиции на државата во капитални проекти, како што се изградба на патишта и железница, со особен фокус на коридорот 8, како и изградба на енергетска инфраструктура“, потенцираше Анѓушев.
Во насока на подобрување на конкурентноста на македонските компании, Вицепремиерот Анѓушев нагласи дека се донесени мерки за поддршка на стопанството со кои се стимулира технолошкиот развој на компаниите, нови инвестиции и отворање на нови работни места за граѓаните.
„Планот за економски раст особено внимание посветува на интернационализацијата на македонските компании, односно поддршка за унапредување на нивната конкурентност и зголемување на нивното присуство и учество на странски пазари. Особено е значајно дека Владата препознавајќи ја потребата на бизнисите за пристап до поголеми пазари, односно до повеќе потрошувачи, креираше мерки токму за неповратна финансиска поддршка за компании кои ја зголемиле својата конкурентност на нови пазари, како и поддршка на компаниите за освојување на нови пазари и пораст на продажбата“, подвлече Анѓушев.
Вицепремиерот Анѓушев претстави дел од мерките од Планот за економски раст, со кои се поддржуваат развојни проекти на малите и средните компании.
„Најзначајна мерка која сакам особено да ја потенцирам е поддршката на малите и средни претпријатија за подобрување на иновативноста. Преку оваа мерка, обезбедена е финансиска поддршка за развој и примена на иновативни решенија кај компаниите преку покривање до 70% од директните трошоци во инвестициски проекти. За малите и средните претпријатија предвидена е финансиска поддршка за технолошки развој на компаниите преку покривање до 30% од директните трошоци во инвестициски проекти“, нагласи Анѓушев.
Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој важи за сите компании, независно од големината и сопственоста, се овозможува голема поддршка за интернационализација и технолошки развој на македонските компании.
„Компаниите ќе бидат финансиски поддржани со поврат на 10% од инвестициските трошоци (или 20% доколку станува збор за економија од Западен Балкан) за зголемување на конкурентноста на нови пазари. Дополнително, со цел да се поттикне технолошкиот развој на компаниите и компаниите да применуваат модерни трендови во нивното функционирање, Планот за економски раст ќе поддржува воспоставување на одделенија за технолошки развој и истражување, преку поврат до 50% од вкупните оправдани трошоци за индустриско истражување“, посочи Анѓушев.