Филиповска-Грашкоска: Инспекторите извршиле 12.799 контроли, уредбите и протоколите мора да се почитуваат, инаку следува соодветна санкција

4 јуни 2020


Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната редовна прес-конференција информираше за инспекциските надзори направени од страна на шест инспекторати во периодот од 27 мај до 3 јуни, а кои се однесуваат на мерките и препораките за заштита од КОВИД-19.

Филиповска-Грашкоска соопшти дека инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, имаат реализирано најголем број, односно 11.504 контроли, што е и разбирливо, ако се земе во предвид дека нивните надлежности во овој период се и најобемни, особено во деновите по започнувањето со работа на кафетериите и угостителските објекти за кои беа усвоени посебни протоколи, но контроли на други трговски објекти на големо и мало, аптеки, бензински станици, обложувалници, банки и пошти.

„Државниот пазарен инспекторат беше особено активен. Само во првиот ден по воведувањето на протоколите за угостителите, на 28 мај, се направени 676 контроли и поради утврдени недоследности во почитувањето на протоколите, првиот ден се изречени само усни укажувања и опомени. Поради многу пропусти во првиот ден,  важно е да се истакне дека се премина на подрастично санкционирање на прекршувањата и изминатите неколку дена предложено е поведување на повеќе од 25 кривични пријави за флагрантно кршење на Законот и протоколите. 

Воедно се затекнати и нерегистрирани угостителски објекти во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Куманово. Вчера сите бевме сведоци за флагрантното кршење на протоколот од еден угостителски објект во Скопје, кој работеше во затворен простор и каде беше затекнат претседател на опозициска партија, ДПИ постапува по овој случај и ќе биде преземена соодветна санкција“, кажа претседателката на Инспекцискиот совет.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски се надоврза на актуелната ситуација со почитување или непочитување на протоколите за отворање и работа на кафетериите и угостителските објекти, при што истакна дека инспекторите ја извршуваат својата работа потполно професионално и неселективно, во насока на заштитата на јавното здравје, а секое прекршување соодветно се санкционира.

„Одреден број на угостители и трговци го прекршуваат добриот тек на почитување на мерките. Од минатиот четврток до сега поднесени се 28 кривични пријави, како и 38 прекршочни пријави, а затекнати се и 47 нерегистрирани даночни обврзници од областа на угостителството. Апелирам инспекторите да бидат оставени ревносно да ја вршат својата работа, да не ги вплеткуваме во политички игри. Институциите се формирани од државата и тие се институции на државата, инспекторите треба да се остават професионално и неселективно да ја работат својата работа“, потенцираше директорот на пазарниот инспекторат Пауновски.

Претседателката на Инспекцискиот совет посочи дека Државниот инспекторат за труд, во горенаведениот период реализираше вкупно 504 контроли кај работодавачи.

„Фокусот во изминатите неколку дена беше ставен на компании од Штип, но и во Тетово, каде се појавија определени кластери на заболени. За периодот од 27 мај до 3 јуни од страна на овој инспекторат донесени се 4 решенија и 20 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата“, рече Филиповска- Грашкоска.

Таа додаде дека Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од овие седум дена спроведе вкупно 229 надзори. При тоа изречени се вкупно 13 решенија заради лоши општи хигиенски услови во објектите и неспроведување на дезинфекција  и чистење во работни простории, санитарни јазли, неселективност во текот на складирање на прехранбените производи  по видови (одвоено чување на производите по вид и категорија), неводење на записи за дезинфекција и следење на температурата на складирање на производите, како и вкупно 17 казнени мерки едукации поради тоа што не се воспоставени и имплементирани процедури за добра хигиенска пракса, засновани на HACCP  принципите и неводење на записи за истите.

„Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 27 мај до 3 јуни, направи вкупно 290 надзори. Констатирано е дека меѓуопштинскиот сообраќај сè уште е намален за околу 90%, но со релаксација на мерките за движење полека се враќаат одредени меѓуградски линии во функција. Транспортниот инспекторат забележа вкупно 7 прекршувања на уредбите и протоколите и тоа 3 прекршувања кај посебен меѓуопштински линиски превоз кој се врши за вработените во правни лица во Општина Штип и уште 4 прекршувања кај посебен меѓуопштински линиски превоз кој се врши за вработените во правни лица во Брвеница“, кажа Филиповска-Грашкоска.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат, спроведе вкупно 225 надзори во субјекти во нивна надлежност, односно во приватни и јавни здравствени установи, домови за стари лица и други правни субјекти во нивна надлежност, а во врска со почитување на протоколите за заштита на медицинскиот персонал за прием и постапување со инфицирани пациенти од коронавирусот КОВИД-19. Исто така, во овој период издадени се 55 дозволи на транспортери професионални возачи, со кои дозволи се овозможува непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија од коронавирус. Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД во периодот од овие седум дена изврши вкупно 47 контроли. При тоа е констатирано дека нема специфични отстапувања.

„Сакам да потенцирам дека инспекторите ќе бидат строги во контролите на сите објекти и дека мора да се почитуваат протоколите, инаку следува соодветна санкција за сите што ќе се осмелат да ги прекршат. Нашата задача е системот да продолжи да функционира и во новите услови, а притоа здравјето на граѓаните да не биде загрозено“, заврши претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.

 

Линк до прес конференција:

English
АКТУЕЛНОСТИ: