Oдржан бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Руската федерација

14 ноември 2019


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска се обрати на Бизнис Форумот посветен на соработката меѓу претставниците на деловните заедници од нашата земја и од Руската Федерација. 

На форумот, на кој покрај бизнисмени од Русија, учествува и заменик министерот за индустрија и трговија на Руската Федерација, Алексеј Груздев, кој истовремено ќе претседава со руската делегација која денеска и утре ќе учествува на 9-тата сесија на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно – техничка соработка меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација.

Во своето обраќање премиерот Заев нагласи дека односите меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација се традиционално пријателски и нив ги карактеризира позитивен дух, но и одреден неискористен потенцијал, кој треба да биде одредница за тоа во кој правец би требало да се движат односите во економската соработка во иднина.

„Во таа насока особено радува фактот дека во дијалогот во Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно – техничка соработка меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација, од оваа година е внесена нова динамика. Тоа е добра основа за оправдан оптимизам за продлабочување на соработката“, истакна премиерот Заев и додаде дека како поткрепа на овој оптимизам е и фактот дека двете страни во комисијата, се договориле освен досегашните области за соработка во енергетиката, транспортот, и земјоделството, соработката да се прошири и во други области, како и да се формираат посебни работни групи за сите области, што најавува многу конкретна работа и ефикасно донесување одлуки од интерес на двете земји и на нашите граѓани.

Премиерот Заев во обраќањето на македонско-рускиот бизнис форум, на кој Владата на Северна Македонија ја претставуваат и заменик претседателот во владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, потенцираше дека извозот на стоки од Република Северна Македонија во Руската Федерација може да биде многу поголем и тоа, заедно со застојот на директните странски инвестиции од Руската Федерација во нашата земја, сосема природно укажува на насоките каде треба да се развива соработката меѓу двете земји.    

„Ќе издвојам една од областите што нудат нови можности за соработка - Енергетиката. Посебни потенцијали во оваа област се отвораат со изградбата на примарната инфраструктура за гасификација, по што следуваат можности за инвестирање и партнерство во проектирањето и изградбата на дистрибутивниот систем на природен гас на целата територија на нашата земја“ истакна премиерот Заев, и додаде дека огромни се потенцијалите што лежат во туризмот и во земјоделството, како и традиционалните добрата соработка во културата и образованието.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев во своето обраќање истакна дека економската соработка почнува со човечката релација и со запознавањето на стопанствениците меѓу себе на бизнис конференции каква што е оваа денеска во Скопје. Тој посочи дека посебно малите држави како што е Република Северна Македонија мора да бидат економски отворени кон светот, ако сакаат да просперираат.

“Апелирам до сите стопанственици во нашата држава да препознаат дека Русија е голем пазар, кој што може да  апсорбира нови производи и да воспостават колку што може повеќе комуникација и денешниот ден да го искористат за зголемување на таквата можна соработка. Денеска имавме и билатерален состанок, на којшто ја отворив темата да видиме како македонските производи да стигнат подиректно и побрзо до рускиот пазар. Ние имаме земјоделие кое може да произведе квалитетни производи во делот на овошјето и зеленчукот, но и во делот на преработувачките капацитети. Во таа смисла ги поканивме големите ланци на маркети и трговци со земјоделски производи да отворат  еден дистрибутивно продажен центар на собирање на земјоделски производи и ќе ги обезбедиме сите услови од наша страна, доколку имаат интерес тоа да го направат.  Тие тоа го земаа како едно наше барање и се надевам дека таквата иницијатива ќе роди со плод. “ изјави Анѓушев. 

Претседателот на македонскиот дел од Меѓувладината комисија за соработка меѓу Северна Македонија и Руската Федерација, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, истакна дека очекува дека денеска и утре во Охрид, ќе се отворат нови насоки за натамошно продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, после пет години стагнација во работата на комисијата. 

„Во периодот јануари-септември 2019-та остварен е извоз на земјоделско прехранбени производи во Руската Федерација во вредност од 21,8 милиони долари, наспроти 15,1 милиони долари истиот период 2018-та година, што претставува зголемување од 44 отсто. Најголем дел од извозот отпаѓа на јаболката или 27,2 отсто, потоа праски,  домати свежи или разладени, цреши и тутун.  Во делот на земјоделството, овие позитивни показатели се резултат и на постојаната комуникација на македонските надлежни институции со надлежните служби од Руската Федерација. Агенцијата за храна и ветеринарството имаше интензивна соработка со руската  Россељхознадзор - Службата за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација. Очекувам нивната соработка да продолжи и во наредниот период, со проширување на аранжманот на производи кои се извезуваат во Руската Федерација како и зголемување на бројот на објекти од Република Северна Македонија кои ги исполнуваат неопходните гаранции за извоз“, рече во обраќањето на Бизнис Форумот посветен на соработката меѓу претставниците на деловните заедници од нашата земја и од Руската Федерација.
 

Видео со инсерти: 

Видео со обраќање на ПВРСМ, Заев:

Видео со обраќање на ЗПВРСМ, Анѓушев:

Видео со обраќање на МЗШВ, Димоковски: 

English
АКТУЕЛНОСТИ: