Порастот на минималната плата дава резултати: платите растат

28 март, 2018 година

Мерката за зголемување на минималната плата, дава резултати. Вработеноста е зголемена, а просечната плата исплатена во јануари забележа најголем раст на платите од 2010 година. Ова беше истакнато од вицепремиерот Кочо Анѓушев и од министерот за финансии, Драган Тевдовски на економскиот форум на тема „Македонската економија, помеѓу визија и дилема: предизвици на економските политики“, организиран од „Фајненс тинк“.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека зголемувањето на просечната плата е резултат на подигнување на лимитот на минималната плата, но и дека за раст на економијата мора да се поддржуваат компании кои се успешни и кои се пред се извозно ориентирани.

„Владеењето на правото и стабилната политичка ситуација во државата се основа за да инвеститорите чувствуваат сигурност во своите вложувања. Тогаш и Владата преку економски мерки може да ги стимулира компаниите и да го забрза економскиот раст. Има неколку можности да се зголеми бруто домашниот производ: преку зголемување на домашната потрошувачка,  раст на извозот и реализација на капиталните инвестиции. Со оглед на лимитираноста на можностите за зголемување на домашната потрошувачка, Владата се насочи на имплементација на мерки за поддршка на компаниите кои се успешни и извозно ориентирани и кон реализација на капитални инвестиции на државата. Преку мерките од Планот за економски раст ќе се поддржуваат резултати на компаниите, а целта е да се реализираат нови инвестиции, технолошки развој, воведување на иновации и подигнување на конкурентноста на македонските компании на странски пазари. Воедно Владата ќе се насочи на реализација на капитални инвестиции, патна и железничка инфраструктура, а за тоа е потребно да бидат изработени квалитетни и целосни проекти“, посочи Анѓушев.

Едно од клучните прашања на овој форум беше и дали Македонија ќе може да оствари економски раст од 3,2 проценти и кои се клучните ризици.

Тевдовски увери дека растот е остварлив и дека Министерството за финансии води политика на умерено фискална консолидација и оти на среден рок веќе се преземаат мерки и на приходната и на расходната страна.

„На расходната страна ги скративме непродуктивните трошоци. Нема место за палми и за жални врби. Наместо на непродуктивни трошоци оваа Влада се фокусира на темелите на општеството, домашната економија и НАТО и ЕУ интеграциите, нагласи тој.

Во однос на НАТО интеграцијата, тој рече дека истата ќе создаде мултипликативен ефект и ќе овозможи и повисок економски раст.

Во однос на најавените даночни реформи важно е граѓаните да знаат дека за квалитетно здравство и образование важно е државата да работи на подобрување на даночната политика“, нагласи Тевдовски.

Тој исто така потенцира дека мерките кои се преземени, како на пример мерката за зголемување на минималната плата, веќе даваат резултати.

- Се стравуваше дека оваа мерка ќе резултира со отпуштања. Но, такво нешто не се случи. Невработеноста е намалена, а просечната плата во јануари оствари раст од 5,6 проценти во однос на јануари минатата година, рече Тевдовски.

На форумот со свои излагања учествуваа и претставникот на ММФ за Македонија, Себастијан Соса и Марко Мантованели, директор за Македонија во рамки на регионот на Европа и централна Азија при Светска банка.

 

English
АКТУЕЛНОСТИ: