Ковачевски - Кривокапиќ: По НАТО, Северна Македонија и Црна Гора фокусирани на заедничката европска перспектива

28 Февруари 2022 година - Лондон, Обединето Кралство


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска во Лондон оствари средба со претседателот на Владата на Република Црна Гора, Здравко Кривокапиќ.

Ковачевски и Кривокапиќ на средбата изразија заедничко задоволство од одличните традиционални партнерски и пријателски односи меѓу двете земји, кои се без отворени прашања и засновани на меѓусебно почитување и заемна доверба.

Двајцата премиери истакнаа дека редовните средби на највисоко ниво ја потврдуваат силната посветеност на двете земји за уште поинтензивна соработка, која после сојузништвото во НАТО природно е упатена кон заедничките ЕУ перспективи.

За време на разговорот со својот колега од Црна Гора, премиерот Ковачевски ја нагласи потреба од заедничкото учество во унапредување на регионалната соработка со цел обезбедување европска перспектива за двете држави, напредок, стабилност и подобра иднина за граѓаните на Западен Балкан. Двајцата премиери се согласија дека двете земји ќе ги искористат потенцијалите за зголемена соработка во областа на туризмот со цел заеднички економски бенефит.

Како земји членки на НАТО, премиерите на Северна Македонија и Црна Гора, Ковачевски и Кривокапиќ ја осудуваат воената агресија на Русија против Украина и ја оценија како кршење на меѓународното право и како закана за глобалната безбедност.

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: