Од 127-та седница на Владата: Проширена е листата на „замрзнати“ цени и за оризот, јајцата и тестенините; Дел од Малешевските Планини се прогласени за заштитени; Утврдена е количината за набавка на вакцини против КОВИД-19 за 2022 година

14 декември 2021 година


Владата на Република Северна Македонија на денешната 127-ма редовна седница ја дополни Одлуката за определување највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало со три нови основни прехранбени производи ориз, јајца и тестенини.

Согласно одлуката, и цените на овие производи се замрзнуваат на ниво на цените до 1 декември и ќе важат до 31 јануари 2022 година, со цел да се превенираат евентуалните поскапувања на основните прехранбени производи.

На оваа седница, со која претседаваше првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, беа утврдени измените на Законот за Царинската тарифа со кои се предлага намалување на царинските стапки за одредени стоки кои како суровини или репроматеријали се користат во домашната индустрија.

Со донесување на овој закон всушност ќе се реализира Мерката 17 од петтиот сет економски мерки за ревитализација на економијата во услови на КОВИД-19, како и за поголема усогласеност со Царинската тарифа на Европската унија и во делот на царинските стапки, а притоа имајќи ги предвид и правилата на Светската Трговска Организација.

На денешната седница е утврден и Предлог на Закон за гаранција на Република Северна Македонија за обврските по финансискиот договор наменет за финансирање на проектот „Интерконектор за пренос на природен гас Грција - Северна Македонија, делот на Северна Македонија“, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка (ЕИБ) и АД за вршење на енергетски дејности Национални енергетски ресурси Скопје, во државна сопственост.

Со овој предлог-закон, Република Северна Македонија го гарантира исполнувањето на обврските од Финансиски договор меѓу ЕИБ и АД НЕР за  финансирање на проектот „Интерконектор за пренос на природен гас Грција - Северна Македонија, во делот на Северна Македонија“, во износ од 28.900.000 евра, во рокови и услови предвидени во Финансискиот договор.

Заемот може да се повлекува во најмногу 10 транши, при што минималниот износ на траншата изнесува 3.000.000 евра, а рокот за отплата на секоја транша од заемот, може да изнесува од четири до 25 години од датумот на повлекување на траншата, со вклучен грејс период кој може да биде меѓу 30 дена и пет години од датумот на повлекување на траншата.

На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за конституирање на Комитет за преговори и преговарачкиот тим за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (Делница: Тетово - Гостивар - Букојчани и проектот  за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 Д (Делница на автопатот Прилеп-Битола) во Република Северна Македонија.

За членови на Комитетот за преговори се определени првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на ЈП Државни патишта Ејуп Рустеми.

Како посебен заклучок по оваа точка, Владата одлучи да достави допис до Собранието на Република Северна Македонија со барање за член на овој Комитет да биде номиниран и претставник на најголемата опозициска партија.

На денешната 127-ма седница е разгледана и усвоена Информацијата за подготвителните активности за втората фаза на конкурентен дијалог за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас до постигнување на договор за доделување на договорот за овој стратешки проект за гасификација на Република Северна Македонија.

Владата денеска ја усвои информацијата за набавка на вакцини против КОВИД–19 за 2022 година, според која е утврдена потребата од набавка на 500.000 дози на мРНА (мРНК) вакцини од производителот Фајзер (Pfizer), во кои треба ќе бидат вклучени и педијатриските дози во количина од 1% од вкупниот број деца во Република Северна Македонија на возраст од 5 до 12 години, односно околу 10.000 дози.

Согласно информацијата дозите за возрасните да почнат да се испорачуваат од месец мај, а педијатриските дози во првото тромесечје на 2022 година, а вкупната количина треба да се испорача до декември 2022 година.

Набавката на оваа количина вакцини против КОВИД-19 за 2022 година е заради заштита на јавното здравје и за рестартирање на економијата како јавен интерес.

На денешната седница Владата донесе Одлука за прогласување на дел од Малешево за заштитено подрачје во категорија V - Заштитен предел.

Површината на идното заштитено подрачје заштитен предел-Малешево изнесува 11460,89 хектари со три зони на заштитено подрачје за заштита и унапредување на природата.

Прогласувањето на дел од Малешево за заштитен предел ќе придонесе кон унапредување на имплементација на Aichi целите од Конвенцијата за биолошка разновидност (CBD) и другите конвенции за заштита на природата (Bern, CITES, Bonn, Ramsar и др.), за прогрес во исполнување на целите и акциите од Националната стратегија за заштита на природата и од Националната стратегија за биолошка разновидност, како и за прогрес во имплементација на ЕУ директивите за живеалишта и птици, унапредување на прекугранична соработка во областа на заштита на природата со Република Бугарија, развој на екотуризмот и локалната економија и др.

На денешната седница Владата го утврди текстот на Договорот за услови за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан, кој има за цел да им овозможи на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија пристап до електронските услуги на националните портали на овие земји преку креирање на електронска идентификација „Отворен Балкан“ остварување на можноста за пристап  до  пазарот на труд во трите земји.

На оваа седница е утврден е текстот на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, кој, кога ќе биде ратификуван од Северна Македонија, Албанија и  Србија, ќе им овозможи на граѓаните од овие три земји слободно да се движат и да работат во секоја од нив.

Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан е резултат на иницијативата „Отворен Балкан“ за поедноставување на процедурите за еднаков пристап до пазарот на трудот во регионот по примерот на ЕУ, со што се прави чекор повеќе кон прифаќање на вредностите и практиките во Европската Унија.

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: